Забава Избор

Ристо Вртев доби Орден за заслуги за непроценливото и за трајно значење во современата македонска култура и уметност

Охрид, 9. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна го одликуваше Ристо Вртев со Орден за заслуги.

– Се одликува за непроценливото и за трајното значење во современата македонска култура и уметност. Тој е творец на македонската музичка авангарда и еден од креаторите на новиот, храбар и алтернативен бран на македонската музичка сцена, којшто остава маркантно влијание и на просторите на поранешна Југославија, во чии рамки е највисоко рангиран, стои во образложението за наградата.

Вртев е креатор на бендот „Мизар“, основач на „Архангел“, музичар кој успеа да го пробие македонскиот рок далеку зад границите на Македонија.

Зад себе има многу големо музичко искуство, богато творештво, награди, концерти, настапи во живо, а сѐ уште со несмалена љубов зборува за музиката, сонува да снима песни и да одржува концерти. Текстовите му се фасцинантни, реални и сурови, а музиката е за сите генерации. Моќна и бесмртна, ја сакаат и младите кои се родени многу подоцна од нејзиното настанување.

Прва љубов му била ликовната уметност, а втора поезијата. Но, откако на 16 години родителите му купиле гитара, започнало неговото музичко патешествие кое трае до денес. И благодарение на неговиот музички нерв и осет, македонската музика денес може да се пофали со една од најсилните и најзначајни рок-групи на сите времиња – „Архангел“, како и четирите албуми со песни за сите генерации на кои Ристо Вртев се запишува како композитор, текстописец и вокален изведувач. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука