Забава Избор

Вечерва фестивал на современа македонска поп музика „Поп култура“

Скопје, 17. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје, вечерва од 20:30 часот ќе се одржи фестивал на современа македонска поп музика „Поп култура“.

Во живо ќе се престават „Young Dadi“, „Zee“, „Matej Foltz“ и „Vanski“, а атмосферата ќе ја загрее со диџеј сет „Dimchuga“. Како специјална гостинка од Суботица, Србија ќе настапи и младата раперка „Mlada Beba“.

На сцената публиката ќе има извонредна можност на едно место да ги чуе во живо песните и хитовите на најзначајните млади претставници на современата македонска поп музика.

„Поп култура“ прави пресек на хип-хоп движењето, како најраспространета и најпопуларна форма за израз на денешната младина, кое се развива во една свежа, модерна и динамична сцена, како носечка сила на новата генерација млади творци, чија музика веќе има свој одек и признание во регионот. Талентот и посветена работа ги прават овие музичари кремот на современата поп-хоп и воопшто млада македонска урбана култура.

„Поп Култура“ наскоро ќе добие и винил издание, албум-компилација кој дава пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува значаен историски документ, запис за времето и квалитетот на оваа сцена, на се’ уште најценетиот носач на звук во светот – винилот. Плочата ќе биде во издание на ПМГ Рекордингс од Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука