Избор Празници Струга ТОП ВЕСТИ

Празникот Мала Богородица и годинава достојно се одбележува во струшко Калишта

Струга, 22. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во присуство на голем број верници од Охрид и Струга, и годинава, традиционално во манастирот „Пресвета Богородица“ во струшкото село Калишта се одбележува христијанскиот празник „Рождество на Пресвета Богородица“.

Овој празник, кој е познат и како Мала Богородица за стружани отсекогаш бил посебен бидејќи преку него успеале да ги задржат традиционалните вредности. Прославувањето ќе продолжи и годинава, кога пред чудотворната икона во манастирот се поклонуваат голем број посетители.

Во овој свет храм се наоѓа единствената икона во Република Македонија каде Мајката Божја е насликана во црна облека и со црно лице, а и детето Исус е црно. Позната како Богородица во црно, иконата е пронајдена во малата пештерска црква, а денес се чува во поголемата црква од комплексот. Се верува дека има неверојатна лековита моќ.

Манастирот во Калишта – Рождество на Пресвета Богородица е сместен на западниот брег на Охридско Езеро. Манастирскиот комплекс го сочинуваат новоизградените цркви „Рождество на Пресвета Богородица“, „Св. Петар и Павле“ и пештерската црква „Св. Атанасиј“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Marija Georgioska

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука