Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ: 30,5% од децата од 6-9 годишна возраст во Македонија имаат зголемена телесна тежина

Скопје, 4. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – 28,4% од возрасните во Република Македонија живеат со дебелина, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Светскиот ден на дебелина, 4. март.

Повеќе од 10 години, Институтот и Центрите за јавно здравје ја спроведуваат Иницијативата за следење на дебелина кај децата на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот COSI, имплементирана во 45 држави од европскиот регион.

Во Република Македонија дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6%, а кај децата и адолесцентите за 7,4% споредено со 1990 година.

Најновите податоци покажуваат дека 30,5% од децата од 6-9 годишна возраст во земјава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, 13,8% од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата. Повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини. Социоекономските карактеристики и физичката неактивност се потенцирани како клучни фактори што доведуваат до дебелина.

– Исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна е значаен фактор кој придонесува кон развојот на зголемена телесна тежина кај децата. Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата. Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина, е наведено во извештајот.

Додаваат дека трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Македонија се одржуваат стабилно на високо ниво. Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина кои влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука