Забава Избор

Организаторите најавуваат големи измени на изборот за песна на Евровизија

Малме, 12. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Европската радиодифузна унија и шведскиот јавен сервис SVT, кои го организираат Изборот за песна на Евровизија во Малме, најавија дека на годинешниот натпревар ќе бидат воведени бројни измени.

Во полуфиналето во живо ќе настапат директните финалисти, односно претставниците на Велика Британија, Италија, Германија, Франција, Шпанија и годинешниот домаќин Шведска. Финалистите своите песни ќе ги изведат за време на полуфиналните вечери, за време на натпреварувачкиот дел од програмата, а не во ревијалниот дел.

Дополнително, беше најавена измена и во гласањето во големото финале. Гледачите повеќе нема да чекаат да се изведе последната песна, туку ќе гласаат за своите фаворити од почетокот на првата песна на натпреварувањето. Овој начин на гласање се користеше во 1997 година, кога беше воведено телефонското гласање, но и во 2010 и 2011 година.

Исто така, гледачите од земјите кои не се натпреваруваат, а кои гласаат online ќе имаат на располагање речиси 24 часа, бидејќи online гласањето ќе биде отворено од втората генерална проба, пред секоја натпреварувачка вечер. Иако организаторите најавија и некои други измени кои се’ уште ги држат во тајност, се потврди дека сепак нема да има измени во самиот систем на гласање.

Жирито и публиката ќе гласаат 50-50% во финалето, додека во полуфиналето ќе гласаат само гледачите. Нема да има измени во начинот на претставување на гласовите.

Први во големото финале ќе настапат претставниците на годинешниот домаќин Шведска, Маркус и Мартинус.

Од 7-ми до 11-ти мај 2024 година во Малме ќе се одржи 68-то издание на натпреварот за најдобра песна на Евровизија. Презентери ќе бидат холивудската и шведска актерка Малин Окерман и Петра Меде, шведска актерка и комичарка, која втор пат е домаќин на најголемото европско музичко натпреварување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука