Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Државно традиционално таеквондо првенство на Македонија викендов во Охрид

Охрид, 13. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Оваа сабота, 16-ти март, во Охрид ќе се одржи Државно традиционално таеквондо ИТФ првенство на Македонија.

Организатор е најстариот таеквондо клуб во Македонија, „Мастер“ од Охрид, а под капата на Македонската традиционална таеквондо федерација (МТТФ).

Во рамки на првенството учесниците ќе се натпреваруваат во дисциплините форми и борби, во неколку категории (деца, млади, постари млади, јуниори и сениори), во машка и женска конкуренција.

– На државното првенството можат да натпреваруваат сите регистрирани натпреварувачи на МТТФ, кои ги имаат исполнето сите критериуми, пристапница во матичниот клуб, договор со матичниот клуб, сертификати за положени појаси во МТТФ, лекарски прегледи од официјален спортски доктор, сите над 14 години со антидопинг сертификат WADA. Клубовите се должни до 12:00 часот на 14-ти март да ги достават сите документи за своите натпреварувачи до генералниот секретар на МТТФ, вели претседателот на федерацијата Марјанчо Лазаревски.

Првеснството ќе се одржи во спортската сала „Билјанини извори“ (мала сала). Согласно распоредот на настани, подготовките започнуваат од 10:00 часот, натпреварите во форми и спаринг започнуваат од 11:00 часот, а свеченото отворање на првенството е закажано за 12:00 часот, по што ќе продолжат натпреварите.

Ќе бидат доделени медал и дипломи, како и пехари за најдобри поединци во машка и женска категорија и за најдобар клуб. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука