Избор Избори 2024 Македонија ТОП ВЕСТИ

Последен ден кампања за претседателските избори, од полноќ започнува молкот

Скопје, 22. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Последен ден од кампањата за седмите претседателските избори што ќе се одржат во среда, 24-ти април. Вечерва на полноќ почнува молкот, што завршува на денот на гласањето во 19:00 часот.

Во трка за прв човек на Република Македонија се седум кандидати, Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стевчо Јакимовска – ГРОМ, Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт, Билјана Ваковска поддржана од Левица, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски – Движење ЗНАМ.

И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори закажани за 8-ми мај нема да биде прекината.

Карактеристично за овие избори е што се спроведуваат во среда, наместо во недела, па со одлука на Влада среда е неработен ден. Идентификацијата на гласачите повторно ќе биде со апарати за биометриска идентификација.

Вториот круг од претседателските избори, што е извесно дека ќе го има, ќе се поклопи со парламентарните избори на 8-ми мај. Граѓаните со право на глас кога ќе дојдат на избирачките места пред да ги добијат гласачките ливчиња, ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата избори или не. Доколку не сакаат да гласаат на некој од изборите, нема да можат во текот на денот да се премислат и да се вратат на избирачкото место повторно и да гласаат.

За изборите за претседател во Избирачкиот список се запишани 1.814.317 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, додека во странство во дипломатско – конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии ќе гласаат 2.569 избирачи.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2.147 избирачи.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување. Две лица се водат како внатрешно раселени лица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука