Избор Избори 2024 Македонија ТОП ВЕСТИ

Мицкоски до Ахмети: Многу брзо од денес и кексот и млекото ќе ти преседнат…

Скопје, 22. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ја разбирам нервозата и паниката бидејќи за прв пат сте прочитани и пред пораз. Доаѓа времето за одговори на многу прашања. Ова не е 2001-ва, туку 2024-та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексот и млекото ќе ти преседнат…

Ова стои во одговорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако првиот човек на ДУИ Али Ахмети му порача да не си ја бара бељата и да ги бира зборовите.

– Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии и со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од освојувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади, кажа Ахмети.

Мицкоски во одговорот вели дека вчера во Аеродром и Гази Баба ја повикал албанската опозиција на обединување против оваа власт и изразил јавна намера дека веднаш по изборите, уште првиот ден да оствари контакт со нив за заедничка соработка која ќе се темели на принципи околу кои ќе се обединат.

– Уште истиот ден се јави Али Ахмети, нервозно одговарајќи, прозивајќи ме со навреди и доза на закани, но треба да знае дека неговите закани не само што не ме заплашуваат, туку и добро ме засмејуваат.
Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но сепак со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции, и партиски прослави. Важен му бил на Али мојот оброк од детството, хммм…, чудно, па се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат Соравија, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија. Ја разбирам нервозата и паниката бидејќи за прв пат сте прочитани и пред пораз. Доаѓа времето за одговори на многу прашања. Ова не е 2001-ва, туку 2024-та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексот и млекото ќе ти преседнат, порача Мицкоски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука