Забава Избор

Brass Brothers и Miyatta го претставија првиот заеднички проект „I Wanted More“

Охрид, 12. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонската музичка атракција Brass Brothers позната по извонредно динамичните живи настапи ја претстави новата песна, насловена „I Wanted More“, снимена со македонската пејачка и кантавторка Miyatta.

Во оваа интересна музичка соработка, Brass Brothers и Miyatta ги здружија силите за да ни го претстават ова музичко издание кое е моќна музичка симбиоза која ги спојува уникатните звуци на бендот со прекрасниот вокал на Miyatta.

– Ни беше задоволство да соработуваме со Miyatta. Нејзиниот уникатен вокален стил ни донесе поинаква перспектива и ја дополни енергијата која сакавме да ја пренесеме преку оваа музичка творба, велат од Brass Brothers.

Оваа песна е најава за концертот на Miyatta, закажан за 15-ти мај 2024 година, во Малата сала на Филхармонија во рамките на Скопски Градски Фестивал.

„I Wanted More“ е дел од вториот албум на Brass Brothers, „We Are Energy“. Таа го задржува добро познатиот енергичен музички потпис на бендот, кој дополнет со денс ритамот повторно создава уникатна и интерактивна музичка приказна.

Музиката и аранжманот се дело на Горан Мицевски Кус, фронтмен и тромбонист во Brass Brothers, додека текстот е на Наташа Мијат Крстевска – Miyatta. Видеозаписот е во режија на Сара Јазаџиска Бибовска, а директор на фотографија е Борис Ралев.

Brass Brothers е македонски музички бенд формиран пред 11 години, составен од професионални и талентирани музичари: Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетов (алт саксофон), Пере Мелов (труба), Илија Мицев (труба), Јован Мартиновски (Dj support) и Никола Митрев (труба). Оваа група е препознатлива по своите експлозивни и динамични живи настапи, кои ја освојуваат публиката и ја прават незаменлив дел од перформансот. Brass Brothers донесе уникатна автентична енергија на македонската музичка сцена, пред сè поради специфичната комбинација од брасс секција и динамичен звук. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука