Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Св. Наум Охридски Чудотворец

Охрид, 3. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Свети Наум Охридски Чудотворец (роден 830, починал на 23-ти декември 910) бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.

Потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Велики Преслав, а оттука во Охрид, каде му се приклучил на Св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.

Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на Св. архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство.

Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Св. Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23-ти декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Св. Климент во манастирската црква.

Тропар

Откако се соедини со Христа, си го оставил телото, Науме преблажени; духовно живеејќи, си се грижел да се подвизуваш како апостолите, и за верата го придоби неизбројното мноштво Мизијско. Затоа, со твоите молитви, избави не’ од искушенија.

Кондак

Пречесниот спомен на твоите светли подвизи е како големо сонце кое свети, просветлувајќи ги сите оние што те слават тебе, бидејќи изгонува секаква болест и бесови. Поради тоа, собрани, со љубов верно да го прославиме. (Крај)

извор: ОхридПрес/mn фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука