Избор Охрид

Проф. Д-р Митрески: Пупин духот за Охрид го носел секаде каде што одел

Охрид, 8. декември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Да се пишува за еден голем научник, светски, како што е Михаило Пупин, е племенита, но и одговорна задача. Тоа е човек од светски глас, издвои проф. Д-р Павле Митрески, кој досега за Михаило Пупин има напишано неколку книги, а подготвува и нов материјал.

Денес пред камбанаријата на Комплексот на црквата Св. Богородица Перивлепта беше откриена спомен-плоча посветена на Михајло Пупин.

Камбаната со свои средства ја изградил и поставил лично Пупин. Неговата мајка Олимпија, според кажувањата на српски научници, води потекло од овие простори.

– Михаило Пупин формирал посебен фонд со пари, кој го донирал во Српската академија на науките и уметностите во Белград и се изработува Правилник. Тие пари се наменети за Јужна Србија и Македонија, кои се донирале за доградба на цркви и градење на школи. Во тој смисол, Михаило Пупин има голем допринос за некои делови од Македонија, а посебно за Охрид. Тој бил голем почитувач на православната вера. Секаде кажувал дека верата дава дух и го тера уште повеќе да создава. Тој верски дух најмногу му помага во здружувањето со владиката Николај Владимировиќ, раскажува проф. Д-р Митрески.

Владиката Николај Владимировиќ имал голема заслуга, пак, за формирањето на резбарското училиште кое се формирало во Охрид во 1920 година.

pavlemitreskizapupin

Михаило Пупин духот за Охрид го носел во себе многу години. Мајка му го поттикнала дека треба да истражува и уште многу да учи. Од голема љубов кон мајка си, одлучил да направи нешто за Охрид.

– Сакал камбанаријата да ја посвети на неговата мајка и на градот на писменоста и култура. Се порачала камбанаријата во Љубљана, која тежи 2.5 тони. На 6-ти август 1923 година е поставена на овој простор. Оваа ѕидина е реконструирана и дотерана од Заводот и Музеј Охрид. Тоа што го направија е голема работа. Ова е мала зграда, но зрачи со голема светлина. Камбанаријата е донесена со малиот воз до железничката станица во Охрид, а потоа со запрежни коли со два пара волови е донесена до самото место. Се изградил посебно пат за да се донесе камбаната, потенцира проф. Д-р Митрески.

На денот на поставувањето на камбаната, била одржана пригодна свеченост, додава проф. Д-р Митрески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука