Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Мирен протест кај Градиште, пештанци побараа правда и доследно применување на Законот за денационализација

Охрид, 26. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Бараме Законот за денационализација што го донесе Парламентот доследно да се примени. Ние сме оштетени и не можеме да ги оствариме нашите права. Забранет ни е и влез во автокампот од страна на закупците. Ова е камп од отворен вид, ова е влез кој води до нашите имоти.

Со вакви барања, под мотото „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“, бројни членови на Здружението на граѓани „Оревче“ со одземени имоти од охридското село Пештани, денеска пред автокампот „Градиште“ одржаа мирен протест. Тие потсетија дека 21 година бараат правда за денационализираниот имот на атрактивниот автокамп и се заканија дека ова е последен мирен протест, по што најавија порадикални мерки.

– Имаме профитери кои профитираат на нашите имоти, прават огромни пари, а државата од сето тоа нема ништо. Пред 4 дена имавме јавна расправа во Управен суд, побаравме мониторна одлука, значи 4 пресуди донесени во корист на тужителката истиот суд го враќа предметот. Да дојде Комисијата на лице место и да утврди дали на парцелата којашто е спомната има објекти. Тука нема објекти, сè е дивоградба, вели Ѓоре Танески, претседател на Здружението „Оревче“.

Од фирмата закупец, ТД „МКМ Нова Трејд“ од Пештани велат дека ја поседуваат целокупната документација за стопанисување со автокампот „Градиште“, договор за закуп со АД „Инекс Горица“, како и потребните одобренија и дозволи од надлежните институции.

– Со ваквите активности и блокади на автокампот од страна на Здружението Оревче ни се нанесува значителна репутациска и материјална штета за што, по консултација со нашиот правен тим, ќе поднесеме соодветна пријава пред надлежните органи за понатамошно постапување, велат од „Нова Трејд“.

Повеќе од 100 наследници од 36 семејства што во „Градиште“ поседувале имот со вкупна површина од 150.000 метри квадратни вреден 30 милиони евра, се незадоволни од работата на Општинската комисија за денационализација, која според нив, неоправдано ја одолговлекува постапката за решавање на нивните барања за враќање на имотите. Спорниот имот е национализиран во 1957 година. Сопственик на имотот е државата, а корисник е приватна фирма. Наследниците велат дека фирмата се приватизирала во 2002 и покрај тоа што две години пред тоа била почната судска постапка за враќање на имотите.

За нелегалните објекти кои се направени на спорниот имот кој е во процес на денационализација, градоначалникот Константин Георгиески неодамна најави дека ќе бидат отстранети со акцијата за уривање на дивоградбите долж крајбрежјето. (Крај)

извор: Сдк.мк/Сузана Вренцовска фото: Сдк.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука