Економија Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Премиерот Заев оствари средба со полски тур оператори: Со кампањата „Безбедно како дома“ ги прифативме светските стандарди и протоколи за COVID-19

Струга, 27. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот на Република Македонија Зоран Заев синоќа во Струга оствари средба со претставници на 40 тур оператори и хотелиери од Полска на која ги претставил придобивките од кампањата „Безбедно како дома“ за привлекување на странски туристи.

Во обраќањето до полските тур оператори, премиерот изразил уверување дека авио линиите Варшава-Скопје, Варшава-Охрид и чартер летовите Катовице-Охрид се основа за реален оптимизам и дека актуелната летна сезона ќе донесе поголем број на полски туристи.

Премиерот во своето обраќање потенцирал дека Македонија со кампањата „Безбедно како дома“ ги прифатила светските стандарди и протоколи за COVID-19 на Светскиот совет за патување и туризам (WTTC). Кампањата била одлично прифатена во Полска и Турција од каде се очекуваат најголем број на туристи.

– Заедно со маркичката за Сигурно патување (Safe Travel) која потврдува дека Македонија ги применува истите протоколи како повеќе од 100 светски туристички дестинации за безбедност утврдени од Светскиот совет за патување и туризам (WTTC) за 2021 година, кампањата е чекор повеќе кон целта оваа година да порасне бројот на туристи од Полска кои учествуваат со 5 проценти во вкупниот број на странски туристи и приближно 7 проценти од вкупните остварени ноќевања што ја вбројуваат меѓу првите пет земји кои според бројот на туристи летуваат во Охридскиот регион, соопштија од Владата.

Средбата со полските тур оператори ја организираше хотелската асоцијација ХОТАМ во соработка со полската агенција Рего Бис, која неделно има три чартер линии за Охрид од Варшава и Катовице.

Неодамна во Охрид пристигнаа првите групи полски туристи. Во текот на летната сезона на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ се очекуваат по два лета неделно од Полска, кои повторно ќе го поврзуваат Охрид со двата полски града по воздушна линија.  (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука