Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Црвенковски: Македонија 12 години не може да направи чекор напред кон ЕУ

Сараево/Скопје, 29. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, зборуваше на форумот за Западен Балкан во Сараево. Тој потсети дека секоја земја од Западен Балкан има поставено стратешка цел – членство во Европската унија.

– Кон тој пат, Македонија не може да направи ниту еден чекор напред 12 години. Барањата на Грција, Франција и Бугарија, немаат никаква врска со пропишаните критериуми од страна на Европската комисија потребни за започнување на преговорите. Она што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна од 41-та до 45-та со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки. Мене ми е ставот на Бугарија потполно јасен, но она што мене ме интересира е како на ова гледаат останатите членки на ЕУ, изјави Црвенковски.

Тој жестоко реагираше и на излагањето на поранешниот претседател на Бугарија Росен Плевнелиев кој ги повтори познатати тези за македонскиот народ и јазик како Титова творевина.

– Јас мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик. И тоа не случајно. Тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо, и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене кои што биле и родени и живееле уште пред да се родат и Јосип Броз Тито и Сталин. Значи никој, јас барем никого не знам и нема успеано во историјата на вештачки начин да креира нова нација. Имало обиди, но ниту еден успешен, изјави Црвенковски. (Крај)

извор: Фокус/Канал 5 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука