ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Охрид ТОП ВЕСТИ

Стевоски: Нема да има урбана мафија ако советниците си ја вршат работата како што треба, време е за промени (Видео)

Охрид, 2. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Локалните избори ќе се одржат на 17-ти октомври 2021 година. До Општинската изборна комисија се доставени четири кандидатури за градоначалник на Охрид и дури 11 советнички листи. Повеќе имало само во 2013 година, кога охриѓани гласаа вкупно за 13 советнички листи.

Она по што овие избори се препознатливи е и големиот број независни листи. Супер радио и OhridPress ќе направат кратки претставувања на носителите на листите во насока на запознавање на јавноста со кандидатите и листите…

Охриѓани го знаат како поранешен полицаец. Важи за човек кај кого правдината и честа се водилки во животот. Беше кандидат на предвремените избори за Градоначалник на општина Охрид во 2019 година, кога успеа да ја пробие границата од освоени 1.000 гласови, односно скоро двојно повеќе од претходниот изборен циклус.

Семеен човек, татко на две деца… Живее во убавото Елшани. Денеска разговараме со Стевче Стевоски, носител на независна листа за Градскиот совет на престојните локални избори.

OhridPress: Повторно одлучивте да влезете во трката за локална власт во Охрид. Овој пат се кандидирате за советник. Кој е основниот мотив за кандидатурата и причина да ја формирате независната листа?

Стевоски: Основниот мотив за да се кандидирам е мојата разочараност од темпото на развој на демократијата во Македонија, безобразлукот од криминалното владеење и раководење на државата од двете најголеми политички партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За сите овие 30 години независна држава, тие се главни носители на власта, како на општинско, така и на државно ниво. Сметам дека е време, почнувајќи од мене и сите други добронамерни граѓани на Охрид, да почне падот и промената на овие две партии со што Македонија ќе стане модерна и почитувана европска држава.

No description available.

OhridPress: Одите под слоганот „Храбро, чесно и одговорно – Стевче Стевоски, кандидат за советник“. Охриѓани така и ве доживуваат, како борец за правда, но и чесен и одговорен човек. Кажете ни повеќе за програмата со која ќе се претставите?

Стевоски: Слоганот „Храбро,чесно и одговорно“ може да го разбере само човек кој искрено ја сака својата држава, кој ги сака и почитува сите нејзини граѓани независно на вера, нација, јазик, пол, економска и социјална состојба. Храброста на секој човек се јавува уште во утробата на мајката, чесноста е особина која се стекнува во текот на животот, а одговорноста претставува индивидуална особина за луѓе кои ја сакаат правдата и вистината и кои се подготвени да бараат одговорност од други, но и да се подготвени и на лична одговорност.

No description available.

OhridPress: Живеете во Елшани и најдобро ги знаете проблемите со кои се соочуваат жителите на овој дел на градот. Сепак, целата професионална кариера ја поминавте во Охрид. Тука сигурно имате многу пријатели и поддршка. Како стоите на терен, дали подготвувате кампања и каква ќе биде таа?

Стевоски: Нема поубаво нешто од тоа да се движите низ градот, а да бидете поздравени од страна на познати и непознати граѓани, различни по националнопст, вера, млади, стари, средно имотни, бездомници, односно пред сé граѓани кои ја почувствувале на своја кожа неправдата од државата. Да бидете поздравувани, и да бидете човек кој ги слуша проблемите на граѓаните, дава совет и инструкции како да го решат нивните проблеми со општината и државата. Тоа се моите гласачи – обесправените и угнетуваните.

OhridPress: Важите за правдољубив човек, кој тежината на останувањето на страната на правдата го почувствува на своја кожа. За жал, Охрид се’ повеќе се потенцира и како град со кој владее урбаната мафија, секој прави што сака… Како еден поранешен полицаец, сега од позиција на потенцијален советник, би ги решил овие проблеми?

Стевоски: Бидејќи ова е навистина голем проблем за Охрид, ние сите треба да бидеме свесни дека урбаната мафија функционира со притисоци за промени на Детални урбанистички планови со цел да се добие некоја атрактивна парцела со што поголема габаритност и висина. Истите се во блиски врски со секоја политичка гарнитура што е на власт. Сите влади во Македонија постојано најавуваат битки и ригорозни казни за учесниците во градежниот криминал, но добро разработената шема на урбаната мафија за жал сé уште функционира. Централното градско подрачје на Охрид, и крајбрежниот појас на Охридското Езеро е „Мека на градежната мафија“. Тука е најскап квадратот, самата локација си го прави своето и токму во овој дел се бара максимум на изградена површина и искористување на она што значи габарит и висина. Професионално тврдам дека урбаната мафија не е еден човек, тоа е цел ланец од луѓе инволвирани во процесот со комплетно разработена шема. Функционира на тој начин што обично бараат промени во просторот, со одредени маркици за места за кои не е својствено на пример да имаат максимална висина и габарит. Тоа го вршат со големи пристисоци кај урбанистите планери, кај општинскиот Совет кој го гласа планот, за да го извлечат максимумот на дозволена висина и квадратура. Сепак нема урбана мафија ако советниците си ја вршат работата како што треба, оти на Совет на општина два пати поминува анкетата на самиот детален урбанистички план и ако никој не реагира, зошто е зголелемена маркица по обем, по висина, по квадратура, без разлика колку и да сакал некој да му помогне на криминалецот, тоа нема да може да го стори, затоа и граѓаните треба да ги следат јавните анкети за Деталните урбанистички планови.Но, сепак највиновен е градоначалникот, кој последен става потпис.

No description available.

OhridPress: Испратете порака до охриѓани во пресрет на изборите.

Стевоски: Ги повикувам Охриѓани на 17-ти октомври 2021 година да излезат на гласачките места и да го дадат својот глас за реалната програма на независната советничка листа Стевче Стевоски. (Крај)

избор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука