ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

In Memoriam: Почина писателот и поет Тоде Илиевски

Охрид, 29. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид по кусо боледување на 70-годишна возраст почина Тоде Илевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист.

Тоде Илиевски е роден 1952 година во село Мраморец. Гимназија завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје. Автор е на книгите: „Ведро едро“ – поезија за деца, 1990 и „Концерт за шумите“ – поезија, 1992 година, „Изворите во горите“ поезија за деца 1999 година, „Зелен блен“ – поезија, 2001 година, „Лов на Лебедовото Езеро“ поезија 2008 година, „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“, ко-авторство со Виолета Мартиновска .„Липов чај“ – поезија за деца, 2008 година, „Ќерката на поетот“ поезија, 2011 година и „Јатките на загатките“ 2017 година.

Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „ Радосна вест”. Одделни песни му се препеани на други јазици. Тој преведува од словенските јазици. Објавил преку 9.000 енигматски состави, претежно
анаграми, палиндроми и ребуси.Најголемиот дел е публикуван во „Котелец“ (рубриката „Пегаз“, а помалиот дел во хрватски и српски енигматски списанија. Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на
Југославија“. (Бјеловар 1979 година) „Мал енигматски датумар“ (Бјеловар 1983 година), како и во разни избори во енигматските списанија.

Објавил околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји. Застапен е во Антологијата на македонскиот проблемски шах и во светската антологија „Албум ФИДЕ”.

Тоде Илиевски уште од гимназиските денови учествувал и бил наградуван на литературни конкурси во Македонија (1970 – 1975) и на Фестивалот на југословенската поезија на младите (два пати избран меѓу 500 учесници) во некогашен Титов Врбас 1971/72 година. Добитник е на Повелба на Св. Климент (за творештво, 2002 година). Награда на Празникот на липите за песна во 2003 и 2006 година, Награда на фестивалот „Славјанска прегратка“ во Варна, 2008 година, Награда на издавачката куќа „Феникс“ за кус расказ, 2008 година, Награда „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца за 2009 година и Награда „Игнација“ на Балканскиот поетски фестивал „Розите на Елбасан“ во 2010 година.

Член на ДПМ беше од 1994 година. Живееше и твореше во Охрид. Еден период беше прв човек на Радио Дебар, од 2007 до 2011 година беше директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид од каде во 2018 година и се пензионира. (Крај)

извор: Скопје 1 фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука