COVID-19 Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ: Мало зголемување на заразени и реинфекции со Covid-19 минатата недела во Охрид

Скопје/Охрид, 22. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 14-ти од 20-ти март тестирани се вкупно 15.577 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 2,1% во однос на минатата недела.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирани се 1.834 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, со зголемување од 0,9% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи просечно 11,4%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години.

Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.772 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 26,2% помалку во споредба со минатата недела. Вкупно се пријавени 309 реинфекции, со зголемување од 15,7% во однос на претходната недела. Пријавени се 15 смртни случаи во 9 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела, за 55,9% помалку во однос на претходната недела.

Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 33 градови, со најголемо намалување во Македонска Каменица и Македонски Брод. Зголемување се забележува во Охрид и Виница, додека состојбата останува непроменета во Кратово.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 109 лица, од нив 49 се на кислородна поддршка.

Опфатот со две дози на вакцина против Covid-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 51,1%, односно 47,2% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 41,2%.

Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 3.158, од тоа 251 е прва доза, 392 како втора доза и 2.515 аплицирани како трета доза. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука