ЕКОЛОГИЈА Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

„Часот на планетата Земја 2022“ – Момент на солидарност за луѓето и планетата

Скопје, 25. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – „Часот на планетата Земја“, кој традиционално и симболично се одржува секоја година од 2007 година, во обид да се сврти вниманието кон итното дејствување за намалување на ефектите од климатските промени, оваа година ќе остане без одбележување.

Глобалната светска криза и конфликтот во Русија и Украина, за жал, оваа година го суспендираа симболичното одбележување со исклучување на светилките во метрополите во времетраење од еден час.

Оваа година „Часот на планетата земја“ се одбележува во сенка на тековниот конфликт во Украина, со порака за солидарност за луѓето и за планетата.

Од локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија велат дека се придружуваат кон одлуката на голем број земји ширум регионот, Европа и светот, да не го одржи едночасовното исклучување на осветлувањето.

– Сметаме дека сега не е моментот климатските промени да бидат ставени во фокусот, па поради тоа локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји ширум регионот, Европа и светот, оваа година во знак на поддршка и солидарност на тековната светска криза да не го одржи едночасовното исклучување на осветлувањето и прославата на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, Часот на планетата Земја отсекогаш имал славенички тон и ги повикувал луѓето да учествуваат во обедување за спас на природата и планетата Земја. Оваа година, како одговор на конфликтите во Украина, нашиот тон е сочувствителен, обединувајќи се во глобална солидарност. Важно е да се нагласи дека законите на природата се нарушуваат и кога ја уништуваме природата, но и кога ги уништуваме луѓето. Нашето мото е – природата и луѓето, велат од локалната канцеларија.

Додаваат дека сепак, акцијата Часот на планетата Земја на глобално ниво ќе понуди уште еден момент за солидарност и можност да се здружиме, да се грижиме еден за друг и за единствениот дом што сите го делиме.

Поради тоа, сите оние кои сакаат симболично да се вклучат во најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, ги повикаа утревечер да ги исклучат светилките во своите домови во период од еден час, од 20:30 до 21:30 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука