Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Завршен настан на проектот „Поддршка на иницијативи предводени од млади за заштита и одржлив развој на Светското наследство на УНЕСКО Охридско Езеро“

Охрид, 28. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Република Македонија, во јули 2021 година започна со реазлизација на проектот: „Поддршка на иницијативи предводени од млади за заштита и одржлив развој на Светското наследство на УНЕСКО Охридско Езеро“, во рамки на Програмата за партиципација со УНЕСКО за 2020-2021 година, со средства управувани од страна на Националната комисија за УНЕСКО при македонското Министерство за култура.

Целта на проектот е да се подобри свеста, знаењата и капацитетот на учениците од средните училишта во охридскиот регион во насока кон препознавање, прифаќање и заштита на извонредните карактеристики на нивниот регион.

– Преку реализација на проектот се очекува, да се постигне:

1. Унапредување на свеста и капацитетите на ученици од средни училишта во охридскиот регион во врска со природните и културните вредности на Охридското Езеро, како и во врска со Целите за одржлив развој на ООН вклучувајќи ги и климатските промени;
2. Поттикнување на младинска активност преку вмрежување со активни локални граѓански здруженија, врснички групи и експерти;
3. Едукација и мотивирање на ученици од средните училишта за активно учество во процесот на носење на одлуки на локално и национално ниво, такашто ќе функционираат како иден коректор на штетните политики, информираат од Центарот.

Во услови кога неконтролираната урбанизација и експлоатација на природни ресурси и недоволно систематското управување со заштитеното подрачје – Охридско Езеро, го загрозуваат неговиот статус како локалитет под заштита на УНЕСКО, како и потребата за надградување на знаењата, РЕЦ ја посочува младината како иден двигател на одржливиот развој, заштитата и унапредувањето на природните и културни вредности на Охридското Езеро, со што ја препознава како главен чинител за зачувување на статусот на локалитет под заштита на УНЕСКО.

– Ги препознаваме младите како неизоставен фактор за спроведувањето на Агенда 2030 и исполнувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР). За времетраење на Проектот работевме со Средните училишта во Охрид ОСУ „Св. Климент Охридски“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, ОУТУ „Ванчо Питошески“ и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, додаваат од РЕЦ.

Во среда, на 30-ти март 2022 година, во црквата „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи завршниот настан од проектот на кој ќе бидат претставени постигнатите резултати. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука