Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Од денес стартува исплатата на минималната плата од 18.000 денари

Скопје, 1. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од денес стартува исплатата на минималната плата од 18.000 денари.

Се очекува 80.000 вработени во различни дејности и индустрии да земаат 18.000 денари минимална плата според последните законски измени и дополнувања за раст на минималната плата од март годинава.

Владата на Република Македонија во дијалог со бизнис заедницата, синдикатите и сите засегнати страни во изминатиот период постигна договор за зголемување на најниските плати, а утврдена е и методологија со која истата континуирано ќе расте.

– Дефинирано е дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума. Дополнително, државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни. Владата се грижи за стандардот на граѓаните и посветено работи за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Процентуално во периодот 2012-2016 година минималната плата е зголемена за 25,2%, а за период 2016-2022 година 78,6%, соопштија од Владата.

Зголемувањето на минималната плата беше договорено на 7-ми февруари на седница на Економско-социјалниот совет по неколкудневни преговори. Зголемувањето на минималецот е потпомогнато од страна на државата која ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот за да ја покрие разликата во придонесите до крајот на годината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука