Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Бектеши од Охрид: Сите трговци во туристичките места ќе можат да работат во недела и на празници, работниците ќе добијат 100% поголема дневница

Охрид 22. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за економија веќе предложи до Собранието измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се овозможува работа во недела и празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, кажа Министерот за економија во Владата на Република Македонија Крешник Бектеши при денешната посета на охридско-струшкиот регион.

При обиколката на Охридската чаршија, каде оствари средба со стопанствениците, тој истакна деке законските измени се веќе во собраниска процедура и во зависност од работата на Собранието очекува најмногу за две недел овие законски измени да бидат изгласани и да стапат на сила со почетокот на туристичката сезона.

– Измените на Законот за трговија во делот на „Недела неработен ден“ се во собраниска процедура, со нив им се дава можност на сите трговци во туристичките места да можат да работат и во недела и празници преку целата година. Овие измени дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата, посебно во туристичките места, кажа министерот Бектеши и потенцираше дека измените се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, а работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници поголеми за 50%.

– Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга овие законски измени очекуваме да ќе придонесат за уште поуспешна сезона.Министерството за економија и Владата ќе продолжат со креирање на мерки за поттикнување на домашниот туризам со цел за зголемување на бројот на домашни и странски туристи во земјата, истакна Бектеши.

Како дел од мерките кои што и оваа година ќе се реализираат за поддршка на домашниот туризам како што истакна министерот е и мерката за ваучери за одмор во домашните туристички капацитети на работници со ниски хриходи.

– Со Ребалансот на буџетот се предвидени 15 милиони денари за да продолжиме со мерката за ваучери за туризам за работници со ниски приходи, согласно предвидените средства проекциите се дека ќе се обезбедат ваучери за 1.500 до 2.000 семејства, кажа Бектеши.

Нефи Усеини го прошета Крешник Бектеши низ Охрид, седнаа и во неговата пицерија дивоградба

Негов домаќин во Охрид беше претседателот на локалниот огранок на ДУИ во Охрид, контраверзниот бизнисмен Нефи Усеини, за кого има обвинение за напад со пиштол и истраги за две дивоградби. Усеини го прошета министерот по центарот на Охрид, а Бектеши беше гостин и во неговата пицерија за која пред повеќе години беше отворена постапка за дивоградба на терасата на објектот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука