Избор Култура

Истакнатиот хрватски поет Валерио Орлиќ на турнеја по Македонија, Албанија и Хрватска

Охрид, 22. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Валерио Орлиќ, истакнат хрватски поет, основач, сега почесен претседател на Хрватското книжевно здружение, утре, 23-ти мај 2022 година, со почеток во 12:00 часот, со промоција на неговата најнова збирка поезија „Љубов распослана по морето“, ја започнува големата турнеја по Македонија, Албанија и Хрватска.

Настанот ќе се одржи во Музејот на македонската борба, во објектот „Порта Македонија“, при што професор д-р Васил Тоциновски ќе го претстави поетскиот опус на Орлиќ. Стихови од најновата збирка на хрватски ќе чита авторот, додека на македонски Сашо Огненовски.

Валерио Орлиќ ќе има поетски настапи и во Охрид и Битола во Македонија, како и во Пустец, мегу Македонците, во Албанија. Тој е специјален гостин на чествувањето на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, мегу етничките Македонци во Албанија, кое содржи низа промоции на книги и поетски читања од страна на автори од Македонија и Албанија. За таа прилика, од Тирана во Пустец, најавија патување и учество хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ, заедно со амбасадорот на Република Македонија, Данчо Марковаски.

Манифестациите, во соорганизација на Македонското друштво „Сонце“ од Албанија и Друштвото за литература и култура „Мацково“ од Македонија, ќе се одржуваат во центарот на Мала Преспа и седиштето на општината, населбата Пустец, како и во селото Глобочани, кај паметникот на големиот писател, Македонец, Стерјо Спасе, односно во Спомен-музејот „Стерјо Спасе“.

Промоција ќе доживее и капиталното дело „Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“ од д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка.

После големата турнеја по Македонија и Албанија, Орлиќ ќе биде гостин на 21-те по ред „Јадрански книжевни средби“ во Црквеница, Хрватска, од 3-ти јуни, каде ќе биде претставено неговото книжевно создавање.

Орлиќ е добитник на низа домашни и мегународни признанија за неговиот придонес во книжевноста во Хрватска, Македонија, Италија, Словенија, Србија, Бугарија, Полска, Украина и други земји. Меѓу другите, и на Меѓународната награда „Хомер“ за придонес во европската и светската книжевност – Брисел, 2018 година. Кај нас на „Балканската награда за поезија“ на 46-тите „Караманови средби” во Радовиш (2019 година), како и на „Струшко слово“ – Струга, 2015 и „Слово“ Битола, 2016 година. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука