Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Ученици од РЦСОО „Ванчо Питошески“ од денес ќе подготвуваат оброци за над 80 наши сограѓани во социјален ризик

Охрид, 20. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од денес почнува уште една хуманитарна акција на охридскиот Црвен крст, како дел од концептот „Радосен декември“ – месец на дарување.

Од денес па до 23-ти декември во соработка со Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид ќе бидат подготвени предновогодишни топли оброци за преку 80 наши сограѓани во социјален ризик.

– Вештите раце на учениците од ова училиште, под менторство на своите професори, во кујната на РЦСОО „Ванчо Питошески“ ќе подготват богати и вкусни јадења, кој волонтерите од тимовите за логистика на Црвен крст Охрид и учениците ќе ги дистрибуираат до домовите на стари, осамени лица, лица со хендикеп и лица во социјален ризик, информираат од Црвен крст Охрид.

Во оваа хуманитарна акција можат да се вклучат и угостителски објекти, ресторани од Охрид кои според своите можности и желби, би подготвиле топли оброци, соодветно спакувани, за понатамошна достава од страна на волонтерите на Црвен крст Охрид, до лицата во социјален ризик. Дополнителни информации може да се добијат на телефонот 070/890-340. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука