Избор Култура Локална самоуправа ТОП ВЕСТИ

Со проекција на „Тајната во нивните очи“ продолжува Неделата на шпански филм во Охрид

Охрид, 21. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со проекција на филмот „Шампиони“, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, започна циклусот „Недела на шпански филмови 2022“, во организација на Шпанската амбасада и општина Охрид.

Манифестацијата е резултат на културната соработка помеѓу амбасадата и локалната самоуправа. Претходно беше отворена изложбата „Пикасо можеби јас“ на македонскиот уметник Филип Фидановски, посветена на 140 годишнината од раѓањето на Пабло Пикасо. Пред присутните се обрати амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Хосе Луиз Лосано Гарсија.

– Најпрво би сакал да му се заблагодарам на тимот на општината за нивната вредна соработка, без која овие два културни настани немаше да бидат возможни. Ви благодариме што ја донесовте шпанската уметност и кинематографија пред публиката во Охрид, рече амбасадорот.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека културниот настан е резултат на повеќе месечната соработка за презентација на Шпанската култура во Охрид.

– Повеќемесечните разговори и заложби за културна соработка и презентација на шпанската култура во Охрид вродија со плод и вечерва и во наредните денови, ќе имаме можност поблиску да се запознаеме со шпанската кинематографија, а преку изложбата на Филип Фиданоски ќе одбележиме 140 години од раѓањето на шпанскиот и светски великан Пабло Пикасо. Убеден сум дека ова е почеток на една искрена, пријателска и плодна соработка со шпанската амбасада и пријателска Шпанија, која ќе можеме да ја прошириме и во други области, рече Пецаков.

Вечерва ќе биде прикажан филмот „Тајната во нивните очи“ од Хуан Хозе Кампанела. Почетокот е во 19:00 часот, а влезот е слободен.

Неделата на шпански филм завршува утре со проекцијата на „Лесно е да се живее со очи затворени“ од режисерот Давид Труеба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука