Економија Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид домаќин на фестивалот „Купувај локално“

Охрид, 22. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – На Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) во Охрид, денеска се одржа презентација и дегустација на локална храна.

Во холот на ФТУ се презентираше и дегустираше локална храна подготвена од членовите на здружението.

Настанот го отвори градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, кој потсети на кратката и многу позната изрека дека „Ние сме тоа што јадеме“ на филозофот Ludwig Feurbach, кој живеел во деветнаесетиот век, во целост го означува односoт помеѓу храната и традиционалните вредности и одлики на еден народ.

– Тоа значи дека се она што денес го гледаме не промовира токму нас. Овој фестивал во иднина го гледам како уште еден настан кој ќе привлекува туристи, а Охрид ќе го промовира како туристичка дестинација која покрај другите содржини ќе понуди традиционална охридска храна и специјалитети карактеристични за овој регион, порача Пецаков.

Тој додаде дека Факултетот за туризам и угостителство покажува вистинска иновативност со организација на вакви настани и ги вклучува нашите студенти во активности кои се интересни, а ја поттикнуваат креативноста кај нив.

– Преку ова случување се едуцираат и поттикнуваат граѓаните да се определат за купување и јадење локална храна која се произведува на традиционален начин што е многу поздрава од се друго што се нуди на пазарот. На овој начин се промовираат приказните на локаолните производители кои и тоа како имаат што да кажат и пренесат. Се надевам дека овој настан ќе добие традиционален карактер и дека значително ќе допринесе во промоцијата на традиционалната храна и домашните производители, затоа што се’ она што е домашно – наше е највкусно и најубаво, додаде Пецаков.

Фестивалот има за цел да ги презентира локалните производители на храна, рачни ракотворби и други уникатни производи кои се автентични за ова поднебје. Организатори на настанот се Општина Охрид и Факултетското студентско собрание на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука