Избор Локална самоуправа Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Доделени наградите за „Најдобрите од спортот во Општина Охрид за 2022 година“

Охрид, 3. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – На свечена церемонија вечерва беа доделени наградите за „Најдобрите од спортот во Општина Охрид за 2022 година“.

За охридска спортска надеж (мажи) е прогласен Давид Крстески, а во женска категорија Христијана Парулеска е Охридска спортска надеж (жени), и двајцата од Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид. За спортист/ка странец кој настапува во екипа од Охрид беше прогласен Владимир Бојаниќ од Градскиот ракометен клуб „Охрид“ од Охрид.

За спортист/ка од Охрид која настапува надвор од територијата на Охрид, избран е Михаил Иваноски од ракометниот клуб „Алкалоид“ од Скопје. За тренер на годината е прогласен Марјанчо Лазаревски од Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид.

Спортска екипа на годината е Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид. Спортска приказна на годината е Градскиот кошаркарски клуб „Охрид“ од Охрид. За Охридска спортска легенда, за посебни заслуги во спортот, беше прогласена Јулијана Николиќ (веслање), а наградата и’ се додели постхумно.

За Спортист на годината, за 2022 година е прогласен Наум Јаковлев од карате клубот „Фудошин“ од Охрид.

Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков истакна дека, како долгогодишен спортист, добро му е познато чувството на радост по добиен натпревар или победнички резултат.

– Тоа е чувство што влева надеж, дава сила и нова желба за уште повисоки цели, за уште поголеми триумфи. Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост и на верната публика и се разбира на сите нас. Со тоа што ги вреднуваме вашите успеси, ние како локална самоуправа сакаме да ја потврдиме нашата цврста определба во создавањето на уште подобри услови за развој на сите спортски дисциплини во иднина, истакна Пецаков.

За тековната 2023 година, за поддршка на спортистите, спортските клубови и спортските манифестации, од општинскиот буџет се издвоени 35.940.000 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука