Забава ТОП ВЕСТИ

Depeche Mode ја објавија новата песна „Ghosts Again“ од албумот „Memento Mori“

Охрид, 9. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Култниот бенд Depeche Mode конечно, по многу најави го издаде најновиот сингл „Ghosts Again“, како носечки сингл од нивниот 15-ти по ред студиски албум „Memento Mori“.

Албумот доаѓа по пауза од шест години, кога во 2017 година го издадоа „Spirit“ и е прво издание по смртта на еден од членовите на оригиналната постава на бендот, клавијатуристот Andy Fletcher, кој почина во мај минатата година, на 60-годишна возраст.

Фронтменот Dave Gahan го најави новиот албум во интервју за NME, во кое вели дека албумот не дошол брзо и стихијно, туку на почетокот имало и прилично отпор.

– Имаше отпор. Не знаевме дали воопшто сакаме да го снимиме. Знаете, сите оние вообичаени работи кои ги правиме. Но, потоа беше јасно, дека ова е повеќе од вообичаено, истакна Dave.

Тој додава дека работата на „Memento Mori“ започнала и пред смртта на Fletcher и дека после тоа, не снимиле воопшто нов материјал.

– Ова е најдоброто нешто што сме го снимиле годиниве. Како да го слушам неговиот глас низ сите песни како вели – Дали секоја песна мора да биде за смртта, додава легендарниот Dave.

Memento mori е латинска фраза која буквално значи „сети се na смртта“, а често се толкува и како „запомни дека си смртен“ и „дека ќе умреш“. Од оваа година ќе се памети и како името на најновиот албум на култните Depeche Mode. За време на шпицот на пандемијата, сите научивме повеќе да го цениме животот, а фронтменот Dave Gahan и мултиинструменталистот Martin Gore ги пишуваа стиховите на песните се дел од нивниот 15-ти по ред албум. Тие ја прифатија оваа идеја нарекувајќи го албумот Memento Mori.

– Се потсетуваме дека нашето време е минливо и дека треба да го искористите најдоброто од него – на позитивен начин, вели Gor кој открива дека првпат ја слушнал латинската фраза од пријател. „Само што помислив: „Каков одличен наслов на албумот за песните што веќе беа напишани“, вели тој.

Старите мајстори се вратија во полн сјај, вредеше секоја секунда од чекањето да ја објават новата песна. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука