Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Голема акција за спречување шверц со дрога и оружје, уапсени 26 лица, меѓу нив и осум на подрачјето на СВР Охрид (Видео)

Скопје/Охрид, 11. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 9-ти и 10-ти февруари 2023 година, од страна на Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога на територијата на државата беа спроведени координирани зајакнати активности за откривање на сторители на кривични дела во врска со недозволена трговија со дрога и оружје, при што лишени од слобода се 26 лица.

– Во акцијата координирана од Одделот за криминалистичка полиција, а реализирана во содејство со Секторите за внатрешни работи извршени се претреси на дом и други простории, и тоа кај три лица на подрачјето на СВР Скопје, кај пет лица – СВР Куманово, кај осум лица во СВР Охрид, кај 10 лица – СВР Битола, кај пет лица во СВР Струмица, шест лица во СВР Велес, шест лица во СВР Тетово и кај 10 лица на подрачјето на СВР Штип. Во активностите се опфатени 53 лица за кои постоеле сознанија дека се инволвирани во шверц со дрога и оружје, а претресите се извршени во 46 куќи и помошни простории, седум станови, пет патнички моторни возила и два деловни објекта во 29 општини и градот Скопје. За време на претресите е пронајдена импровизирана мала лабораторија за производство на марихуана во Белчишта, охридско, ќеса со семки од канабис и тегла со марихуана, информираат од МВР.

Додаваат дека, покрај ова, за време на активностите се пронајдени и одземени се: марихуана, хероин, 78 семки од растение, 19 пакувања со прашкаста материја, 18 паковки со грутчеста материја, 150 грама амфетамин, таблетки, шприцеви со течна материја, повеќе дробилки, ваги и млин, четири ловни пушки, три ловни карабини и една воздушна пушка, еден пиштол, гасен пиштол и шест куршуми, 12 патрони, 46 куршуми и 92 куршуми маневарска муниција, седум рамки за автоматска пушка и поголем износ на пари во различни валути и апоени, од кои само при претрес во Кавадарци се пронајдени 178 илјади денари кои потекнуваат од продажба на дрога.

– Против 19 лица ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215, против 6 лица по член 396 од Кривичниот законик, како и два поднесоци по Закон за оружје, потенцираат од МВР. (Крај)

извор: МВР фото: МВР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука