Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Претставниците на македонските Бугари побараа од Османи заедно да посредуваат за смирување на тензиите во земјава

Скопје, 15. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Претставниците на македонските Бугари, Ѓорѓи Трендафилов и Љупчо Ѓоргиевски на денешната средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи побарале и тој и тие да посредуваат за смирување на тензиите во земјава бидејќи „во експлозивна атмосфера не е возможно да се донесат квалитетни, рационални, политички решенија што е во интерес на граѓаните на земјава“.

По едночасовната средба во МНР Ѓорѓи Трендафилов рече дека со министерот Бујар Османи имале корисна средба која во голема мера била продолжение на разговорите од Брисел.

– Го известивме за содржината на разговорите со еврокомесарот Оливер Вархеји и со групации од Европскиот Парламент кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и групации овде во Македонија да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје-Софија и во порелкасирана атмосфера да почне да се спроведуваат одредбите и од Договорот со Бугарија и од францускиот предлог, за да може Македонија по извештајот за напредокот во октомври да ги отпочне официјално преговорите со ЕУ, изјави Трендафилов.

Одговарајќи на новинарски прашање, во однос на извештајот од Советот на Европа дека нема системска дискриминација во земјава рече дека негово право е да не се согласи со тоа.

Активноста на македонските Бугари, според него, ќе биде во насока на придонесување колку повеќе може да се релаксираат односите. Што се однесува до обвинувањата за говор на омраза во одредени медиуми, Трендафилов кажа дека таа тема била спомената на средбата, но се обидувале да не дозволат тоа да доминира на состанокот. Тој додаде дека не разговарале за тепањето на пендиков, но таквите теми, како што кажа, биле осудени од Вархеји и сите политички фракции во двете држави ќе се обидат да бидат откриени и казнети виновниците за да не се случи она што се случи на 4-ти февруари.

За средбата со соопштение се огласи и Министерството за надворешни работи.

– На средбата, која помина во позитивна атмосфера, беа размените мислења за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во Република Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата, пишува во соопштението од МНР.

Од Министерството додаваат дека на средбата било изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука