ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Главната расправа од судењето за напаѓачот на Пендиков одложена за 5-ти април

Охрид, 28. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Главната расправа од судењето за напаѓачот на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков одложена за 5-ти април.

Денеска на првото рочиште одбраната на обвинетиот побара, а Судот прифати одложување. Одбраната побара да им бидат доставени доказите прибрани од Обвинителството.

Што се однесува пак до барањето на обвинителстото да сведочи и нападнатиот Пендиков, кој во моментот е во Бугарија, обвинителите рекоа дека не се знае кога тој ќе може да присуствува.

– Не знаеме кога ќе може да присуствува Пендиков поради медицински причини, се зависи од рочиштето, рекоа обвинителите.

На обвинетиот му се суди за крвично дело напад од омраза со тешки повреди, а предметот го води судијата Бојан Мартиноски.

Според процедурите, Пендиков би требало да изврши препознавање на напаѓачите и за да му достави покана на Пендиков, охридското обвинителство преку бугарските власти се обиде да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.

– За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок, појаснуваат од обвинителството по испраќањето на барањето до бугарските власти.

Судењето за напаѓачот на Пендиков повторно го пробуди интересот Бугарија, па бројни бугарски медиумски екипи и денеска беа во Охрид. Во центарот на градот, по Градскиот кеј, тие утрово трагаа по соговорници во обид да фрлат ново светло врз настанот и да дадат тежина на својата „вистина“.

Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков може кривично да одговара за навредите кои ги изрече на сметка на Република Македонија и Македонците, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Пендиков ќе треба да ги докаже пред обвинителството во Македонија своите наводи за малтретирање на Бугарите, а вицепремиерот Маричиќ смета дека Пендиков не бил нападнат затоа што се чувствува Бугарин.

Во меѓувреме, Пендиков, кој веднаш по инцидентот што се случи на 19-ти јануари, со авион беше транспортиран на лекување во Бугарија ги ужива привилегиите од бугарската држава, па покрај државјанство, стан и обезбедување, ќе добие и стипендија да студира во Софија. Ова го соопшти потпрестедателката на Бугарија Илијана Јотова која во амбасадата на Бугарија во Скопје се сретна со претставници на бугарските здруженија во Македонија, на кои им се заблагодари на „храброста да ја бранат својата бугарска самосвест“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука