Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Вучиќ и Курти потврдија дека доаѓаат во Охрид, градоначалникот Пецаков сé уште не е известен

Скопје/Охрид, 10. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти го потврдија своето учество на состанок на високо ниво во рамки на дијалогот Белград-Приштина, што ќе се одржи на 18-ти март во Охрид, објави Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Високиот претставник и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак ќе одржи одделни средби со лидерите, по што ќе следи заедничка трилатерална средба. На средбата ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Средбата во Охрид и европскиот план се тема на дводневната средба на Лајчак со власта и опозицијата во Приштина. Денеска Лајчак се среќава со опозицијата по вчерашната средба со премиерот Албин Курти. Специјалниот претставник изјави дека Белград и Приштина мора да договорат план за спроведување на европскиот предлог за нормализација на односите, за тој да стане правно обврзувачки.

Инаку, првиот човек на градот домаќин, охридскиот градоначалник, д-р Кирил Пецаков, денеска изјави дека сé уште не е известен за одржување на состанокот.

Нема достапен опис

– Сé уште како домаќин не сум известен, но веќе навикнат сум на тоа. Овде се случуваше Open Balkan, сериозен настан на кој јас како домаќин ниту бев известен, ниту бев поканет да присуствувам. Доклку имам некои официјални средби, ќе бидете информирани, рече Пецаков.

Специјалниот претставник на ЕУ Лајчак вели дека не очекува во Охрид да биде потпишан договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Тој се надева дека на таа средбата ќе се постигне договор за анексот за имплементација на договорот постигнат во Брисел. (Крај)

извор: Плус инфо/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука