Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Четврто издание на Планинско-Езерскиот фестивал „Охрид-Галичица 2023“

Охрид, 10. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Авантуристичкиот клуб Mountain Madness по четврти пат организира незаборавен викенд со многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање.

– Фестивал на планината и езерото. Авантурата започнува во сабота на 17-ти јуни со велосипедска тура околу Охридското Езеро и на локации покрај езерото. Оваа тура се организира со цел да се одбележи денот на Охридското Езеро (21-ви јуни). Авантурата продолжува во попладневните часови со логорување во месноста Корита кадешто се организира камп со логорски оган и уживање со звуците на гитарата. Главниот настан, искачување до врвот Магаро ке биде во недела, на 18-ти јуни, од 08:00 часот. Акцијата започнува со стартна точка од месноста „Липова Ливада“ на 1.600 мнв. Патеката е во должина од 9 километри и во времетраење од 5 часа во двата правци. По искачувањето на „Магаро“ ќе се организира забава на плажата во авто кампот „Љубаништа“ со жива музика и Dj, се’ до зајдисонце. Во рамките на овој фестивал се планира и есенско искачување на „Магаро“ во септември, за кое датумот ќе биде дополнително објавен, информираат организаторите.

Галичица е планина сместена помеѓу двете најголеми езера во Република Македонија, Охридското и Преспанското. Врвовите на Галичица нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини.

– Не пропуштајте ја единствената можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро, потенцираат од Mountain Madness.

Додаваат дека за време на акцијата за сите учесници влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен. Обезбеден е автобуски превоз од Охрид до стартот и назад по симболична цена. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода. Учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршутата и правилата поставени од организаторот сам одоговараат за последиците. За подетални информации сите заинтересирани можат да ги контактираат Танески Мишко на 070/771-193 и Голабоски Жанко на 075/607-608. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука