Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Струга ќе биде домаќин на „Преспа Форум за дијалог 2023“

Струга, 13. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 15-ти и 16-ти март 2023 година, Струга ќе биде домаќин на „Преспа Форум за дијалог 2023“.

– Годинешниот Форум има посебно значење за државата и за регионот, имајќи предвид дека на 17-ти јуни ќе ја обележиме петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Република Македонија и Грција. Ќе се одржи во време на нашето Претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, со што преземавме огромна одговорност и решителност целосно да се ангажираме во заштитата на принципите и заложбите на ОБСЕ и во промовирањето дијалог и соработка, информираат организаторите.

Програмата на Форумот ќе вклучи, меѓу другото, разговори за горливите регионални и европски политичко-безбедносни прашања, евроинтеграцијата на државите од Западниот Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи, борбата против корупцијата итн.

Се очекува „Преспа Форум за дијалог 2023“ да понуди платформа за дискусија и ќе собере на едно место домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, кои ќе имаат одлична можност лично да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за широк обем регионални и меѓународни теми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука