Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Црвен крст Охрид: Благодарност до сите кои помогнаа во развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца

Охрид, 17. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Перманентна работа за промовирање и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која континуирано, посветено и совесно ја спроведуваме во текот на секоја година, порачуваат од Црвен крст Охрид, како порака на Денот на крводарителството.

– Како резултат на постојаната ангажираност на активистите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, со организирањето на крводарителски акции во текот на целата година, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во нашиот град.
Хуманоста што ја покажаа нашите крводарители преку доброволно дарување крв придонесе да бидат спасени многу човечки животи, потенцираат од охридскиот Црвен крст.

Честитајќи им го 17-ти март, Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст, изразуваат благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца.

Во просториите на Црвен крст Охрид, денеска, со почеток во 13:00 часот, ќе се одржи пригодна свеченост на која ќе бидат доделени признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца во 2022 година.

Од Црвен крст Охрид испраќаат посебна благодарност и до медиумите за придонесот во унапредувањето и развојот на крводарителството во РМ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука