Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ескобар ќе присуствува на средбата Вучиќ-Курти во Охрид

Скопје/Охрид, 17. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ќе учествува како набљудувач на новата рунда од дијалогот меѓу Косово и Србија, што ќе се одржи на 18-ти март во Охрид, потврдиле за Радио Слободна Европа од Амбасадата на САД во Македонија.

– САД целосно го поддржуваат дијалогот поддржан од ЕУ. Ескобар ќе отпатува во Охрид, за да го поддржи овој процес, изјавиле од американската амбасада, пренесе lokalno.mk.

Ескобар завчера и вчера престојуваше во Белград, од каде замина во Приштина. Претходно, во разговор со новинарите во Белград, тој рече дека договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово претставува една од најдобрите можности за регионот да напредува и ги повикува страните да бидат многу сериозни во барањето договор, да најдат начини да бидат флексибилни, конструктивни и да имаат визија и да ја искористат можноста што им се нуди.

Тој нагласи дека тоа е договор за нормализација на односите, а не за признавање.

– Американскиот став е дека Косово е земја со територијален интегритет и суверенитет. Сметаме дека регионот ќе има корист од меѓусебното признавање. Што се однесува до членството во ОН, сметаме дека вредноста на договорот би била побрзата интеграција на Србија и Косово и на целиот регион, додаде Ескобар.

Тој посочи дека целта на договорот е да се интензивира процесот што би го доближил целиот регион до Европа, и на економски и на политички план.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста, синоќа изјави дека во Охрид не се очекува судбоносен ден, дека од Брисел сѐ уште не пристигнал нацрт за тоа што сака ЕУ, дека Србија ќе продолжи да работи со Европската Унија и нема да се откаже од „црвените линии“. Според него, одредени медиуми објавиле наводен „таен план“ за имплементација на договорот, но дека тоа не е вистина, туку список на желби од албанска страна.

– Сега проблемот не е што се потпишува, туку сите се надеваат дека јас ќе потпишам. Нема да верувате зошто. Всушност, никој не се надева, освен делот на обичните луѓе, дека нема да потпишам, бидејќи никому не му е гајле за Косово и Метохија, само им е гајле да имаат можност јавно да пукаат во претседателот. А, тие што го организираат протестите се надеваат дека ќе потпишам за да можат да ми ја бараат главата како да сум јас тој што го прави планот, а не затоа што ќе бидете несреќни ако планот биде прифатен, рече претседателот на Србија Вучиќ, според кого нормализирање на односите за него е да имаат подобри основи со Албанците, дека решаваат безброј проблеми и се трудат да живеат колку што се може повеќе заедно, ако не, тогаш еден до друг.

Во врска со претстојната средба помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ со премиерот на Косово, Албин Курти, во рамки на дијалогот Србија-Косово, Секторот за внатрешни работи Охрид, презема соодветни безбедносни мерки. (Крај)

извор: lokalno.mk/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука