ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерот Лога го потпиша решението за бришење на здружението „Цар Борис III“ во Охрид

Скопје/Охрид, 30. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ во Охрид, соопштија од Министерството за правда.

Укажуваат дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации, притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности и најавуваат дека Решението ќе се достави до Централен регистар на Република Македонија за понатамошно постапување.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Комисијата за употреба на имиња на личности ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ. (Крај)

извор: Сител/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука