ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Пендаровски: Предлогот на Бугарија е скандалозен

Скопје, 6. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Барањето на Софија да биде вклучена во процесот на уставни измени е скандалозно, оцени денеска претседателот Стево Пендаровски.

Одговорајќи на новинарски прашања во Скопје, тој рече дека такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите, државите кои ги окупираат.

– Во 21 век е апсолутно непримерно да барате да се мешате во внатрешна политика и во внатрешните политичките и уставно-правни процеси на која било држава. Во таа мисла мислам дека нашиот одговор, преку МНР, вчера беше на место, вели Пендаровски.

Реакцијата на претседателот следи откако шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, од Брисел порача дека Бугарија сака да учествува во процесот на уставните измени кој што во наредните месеци ќе се одвива во нашата држава. Од македонското МНР му порачаа дека процесот на уставни измени е суверено право на македонските граѓани, и дека нема можност Бугарија да се вклучи во тој процес.

– Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија, беше истакнато во реакција на Министерството за надворешни работи во Скопје.

Во однос на условувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе учествува во процесот на уставни измени доколку се прифати хрватскиот модел, Пендаровски вели дека дебатата за концептот околу мнозинства и малцинства во Македонија е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.

– И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин национални малцинства, туку имаше народи и народности. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука, а е како бројка помал од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа, вели претседателот.

Тој потврди дека до нив пристигнало барањето од Министерството за правда да делегираат свој експерт кој ќе учествува во работната група за изготвување на амандмани за уставните измени. Најави дека деновиве ќе испратат и формален одговор, со кој професорот од Правниот факултет, Александар Спасов, кој е правен советник на претседателот, ќе биде ќе предложен за член во експертска работна група за уставните измени.

Во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се одржи лидерска средба за уставните измени, Пендаровски вели дека во принцип лидерските средби се организираат ако има согласност од сите страни.

– Во моментов за хрватскиот предлог нема согласност и од другите, вели Пендаровски.

Идејата за лидерска средба вчера ја отфрли и премиерот Димитар Ковачевски. (Крај)

извор: DW фото: DW

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука