Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридската пошта функционира како „Една точка за услуги“, системот ќе се проширува низ целата држава

Скопје/Охрид, 25. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Сегашната „Една точка за услуги“ на националната Пошта што функционира само на пет локации – Скопје, Охрид, Куманово, Битола и Тетово, ќе се прошири низ целата држава, со користење на просторните и кадровските капацитети на Поштата.

За шест месеци се планира во подружниците на Пошта веќе да има налепница со информација за граѓаните дека им се на располагање услуги од администрацијата.

– „Една точка за услуги“ реално опслужуваат многу малку процеси. Направивме анализа. Заедно со АД Пошта на 333 места на ниво на државава ќе ги отвориме овие точки во кои нема да креираме нова инфраструктура, туку инфраструктурата на Пошта, и човечка и физичка. Таму ќе бидат опслужени сите граѓани на ниво на земјава со услугите што им се нудат, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Сега, појасни министерот, се трошат многу ресурси за постојните пет точки, плаќање за кирија, струја, вработени. Тие ќе се затворат и сите такви места ќе функционираат во рамки на Пошта.

– Решението е да се отворат 333 точки без да инвестира многу. Направивме работна група со АД Пошта за брзо да се воспостават тие точки. Веќе работиме на тоа. Пошта има канцеларии во секој дел на државата, имаат вработени и добра интернет конекција, но немаат добро обучен кадар за да ги нудат сите услуги „Една точка за услуги“ и шалтер на кој ќе пишува ЕТУ. Со мала инвестиција со еден чекор ќе се доближиме до секој граѓанин за да може да има пристап до сите услуги, вели Алиу.

Во тек се анализи за потребните промени на законските решенија, бидејќи сегашниот закон пропишува пристап до „Една точка за услуги“ (ЕТУ) да имаат само вработените во МИОА. Во законот ќе се дополни дека таков пристап ќе имаат и вработени во АД Пошта.

Овој проект, според министерот, ќе помогне финансиски на АД Пошта, која кубури со финансии. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука