Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Публикувана стрип книгата „Кико и Вели и вселенските гусари“ од охриѓанецот Јордан Манасиевски

Велес/Охрид, 7. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од годишната програма на Министерството за култура во областа на литературата и издавачка дејност, Стрип Центарот на Македонија – Велес ги публикуваше стрип книгите „Мечкин камен; Карпош“ од Миле Топуз, „Кико и Вели и вселенските гусари“ од Јордан Манасиевски и „Македонски стрип алманах 2023“ од група на автори.

– Станува збор за изданија од различен жанр и различни генерации на автори. Пред се’ Миле Топуз којшто е еден од најплодните македонски стрип илустратори, продолжува со обработка на тема од македонската историја. Меѓу другото тој досега има публикувано и стрипови за Хацон, крал Пребонд, цар Самоил, Климент Охридски, Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех и други. За својата долгогодишна дејност во областа на стрипот, тој е добитник на признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“ доделено од Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Јордан Манасиевски е ликовен уметник од Охрид со светско реноме кој преку своите уметнички дела ги афирмира охридските и македонски вредности пред Светот. Во оваа стрип книга е вметнат само дел од опусот со споменатите јунаци коишто ги обработува уште од 1981 година. Стрип книгата „Македонски стрип алманах 2023“ од група автори е резултат на повеќегодишното издание – континуитет на идејата на Стрип центарот за афирмирање на претежно млади , македонски стрип автори, информира Томе Трајков, програм координатор од Стрип Центарот на Македонија.

Во овогодинешниот „Стрип алманах“ се претставуваат Васко Гаврилов, Ѓургица Варела, Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Мартина Величковска, Оливер Цветковски, Тоде Блажевски, Сибел Исмаилова, Илко Стојановски, Ване Трајков и како гостин Исток Ситар од Словенија. (Крај)

извор: vecer.press фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука