ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Андоноски: Поставувањето на рампите е по барање на УНЕСКО, за да се ограничи движењето во стариот дел на Охрид

Охрид, 13. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од следната недела се очекува да бидат ставени во функција рампите за влез и излез во стариот дел на градот.

Нивното поставување е по барање на УНЕСКО, за да се ограничи движењето во стариот дел на Охрид, вели за Супер радио и OhridPress Теодор Андоноски, директор на ЈП „Билјанини извори“.

Според планот системот ќе работи како и претходно. Моментално се монтираат рампи, а во тек е носењето на сообраќајното решение што го прави Општина Охрид. Рампи ќе има на „Македонски Просветители“, кај споменикот „Фаќач на крст“ и кај Горна Порта.

– Ќе се применува истиот принцип, со картички. Ќе има за жителите на Стар град, за добавувачи, а ќе има и за граѓаните што имаат куќа таму а живеат на друга адреса. За граѓаните кои издаваат сместувачки капацитети, картички ќе има за тие што имаат сопствен паркинг, а тоа ќе го утврди комисија на јавното претпријатие, на лице место ќе се утврди каде ќе ги паркираат автомобилите. Во овој период ќе има лице што ќе ги отвора рампите за оние кои ја немаат подигнато картичката, истакна Андоноски.

Како и изминатите години од 20:00 часот, па до раните утрински часови ќе биде затворена рампата кај споменикот „Фаќач на крст“ и ќе биде забранет сообраќај.

Со ова ќе биде комплетиран системот за паркирање во центарот на градот. Неодамна од ЈП „Билјанини извори“ поставија нов наплатен пункт за паркинг во центарот на градот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука