Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

15. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура во Охрид

Охрид, 28. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Народната банка на Република Македонија и Централната банка на Холандија по петнаесетти пат ја организираат Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, продолжувајќи ја долгогодишната традиција на заедничко согледување на можностите и предизвиците кај платежните услуги преку отворена и плодна дискусија.

Годинава Конференцијата е насловена „Обликување на платежните иновации“ и ќе се одржи на 29-ти и 30-ти јуни 2023 година во Охрид.

Јакнење на финансиската рамка на патот кон Единствената европска платежна област –  СЕПА преку поврзување на платежната инфраструктура на Западен Балкан со инфраструктурата на Европската Унија, дигиталните валути на централните банки ширум светот, тековните состојби, очекувањата и стратегиите поврзани со нив, отвореното банкарство и иднината на финансиските услуги коишто се во склад со финтек, се дел од темите на кои ќе дебатираат претставници на голем број централни банки, деловни банки, небанкарските даватели на платежни услуги и други институции. Со свои обраќања Конференцијата ќе ја отворат гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска- Бежоска и директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, a ќе учествуваат претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите од Европската Унија, централните банки на земјите од регионот, Банката за меѓународни порамнувања, Европскиот совет за плаќања, домашните финансиски регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните и странските институции од доменот на финтек-секторот коишто се засегнати страни во доменот на платежните услуги.

Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура низ годините прерасна во платформа за размена на знаења и искуства за актуелни теми од областа на плаќањата и промовирањето нови идеи, додека Народната банка на Република Македонија презема бројни активности за модернизација на постојната платежна инфраструктура преку примена на технолошките новитети. (Крај)

извор: МРТВ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука