Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Промовирана книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“ од Здравко Тупаре

Охрид, 3. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Неодамна во Охрид беше промовирана книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“ од Здравко Тупаре.

Тупаре е хроничар на Охрид, човек од старо охридско семејство, носител на значајни стопански функции во градот и еден од раководителите на веслачкиот клуб „Југ“.

На промоцијата кажа дека сограѓаните го познаваат како спортски работник кој скоро целиот свој живот се залагал за промоција и развој на водените спортови.

– Одамна имав желба и мотив да напишам нешто за пловните објекти и почетоците на веслачкиот, кајакарскиот и едриличарскиот спорт и на бродарството во Охрид. Колку успеав во тоа ќе кажат читателите. Мислам дека ќе има млади генерации кои подетално ќе пишуваат на оваа тема. Во книгата се спомнати голем број охриѓани кои биле дел од развојот на овие спортови, ако некого сум пропуштил се извинувам, но да се напише книга на 80-тина години не е така лесно. Се надевам дека оваа книга ќе послужи и како едукативно четиво за многу други идни генерации, истакна Тупаре.

Во 9-тата деценија од животот со носталгија се присетува на старите времиња, но и со тага посочува дека на денешните младинци во Охрид потребно е да им се обезбедат подобри услови за занимавање со водените спотови.

– Потребни се хангари, опрема, тренери, финансии, вели Тупаре и додава дека му влеваат надеж неколку ентузијасти во Охрид кои прават напори да го вратат сјајот на едрењето.

Книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“ од Здравко Тупаре  е издадена со поддршка на Општина Охрид. (Крај)

извор: ТвМ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука