Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Се санира оштетениот споменик на А. ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Охрид и Македонија

Охрид, 11. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Започна санацијата на споменикот посветен на големиот холандски писател и вљубеник во Охрид и Република Македонија А. ден Долард во месноста „Мазија“ во Охрид, кој одреден период наназад беше оштетен.

А. ден Долард (A. den Doolaard) е псевдоним за холандскиот писател Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра Помладиот (Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7. февруари 1901 година. Автор е на бројни книги од различен жанр: романи, патописи, раскази, поезија… Често ја посетувал и Македонија. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското езеро, го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners), кој за првпат бил објавен во 1939 година, а потоа доживеал многу изданија. Главното дејство во романот се одвива во градот Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен фактор во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија.

По повод 105 години од неговото раѓање, во 2006 година, во присуство на потомците на А. ден Долард од Холандија, во Охрид беше откриен споменик во негова чест. Споменикот е дизајниран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според идејата на шефот на Холандско-македонската стопанска комора во Македонија, Петер Џон Босе.

Чествување на големиот македонист-афирматор, холандскиот писател А. ден Долард - Денес Магазин

По повод 110 години од раѓањето на ден Долард во 2011 година во културниот центар „Култура 365“ во Охрид беше отворена спомен-соба на А. ден Долард со изложба на книги и документи за животот и делото на писателот. Следната, 2012 година Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ која покрај македонското издание доживеа и превод на англиски и холандски јазик.

А. ден Долард починал во Хундерло на 26. јуни 1994 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука