Струга/Охрид, 16. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – На социјалните мрежи се објавени фотографии на кои се гледа дека соседна Струга е се’ поблиску до остварување на дамнешното ветување и реконструкцијата на затворениот пливачки базен.
На фотографиите се гледа дека активно се работи на изведбата и дека работите се во завршна фаза. Затворениот базен во Струга со години беше нефункционален и вон употреба. Стружани ќе добијат модерен и функционален базен на местото каде 15 години има рушевини и купишта смет.
На само 15-тина километри од Струга ништо ново на ова поле. Затворениот базен во Охрид е се’ уште недовршен и покрај слатките зборови и ветувања кои ги слушаме долги години. Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски кон средината на август минатата година најави дека тогаш, од 1-ви септември ќе продолжат градежните работи на затворениот пливачки базен во Охрид и се очекува дека до март или април месец оваа, 2023 година тој да биде готов.
Работите биле запрени поради проблеми со изведувачот „Бауер БГ“.
Објектот започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…
Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива