Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Превземени мерки против дивите кампери во Љубаништа

Охрид, 22. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на ЈУ Национален парк „Галичица“, Граничната полиција за ГП и ГН „Св. Наум“, СВР Охрид и пазарната инспекција, денеска спроведоа координирана акција за заштита на плажата и природата во Љубаништа.

– Оваа иницијатива имаше за цел да се справи со предизвикот од дивите кампери на ова прекрасно место. Во рамките на акцијата, беа евидентирани над 20 диви кампери на плажата, што станува предмет на загриженост поради загрозувањето на животна средина. При спроведените активности беа забележани и неколку несоодветно направени септички јами, што уште повеќе допринесува за загадувањето на природата. Во склоп на акцијата, против дивите кампери беа преземени мерки, вклучувајќи издавање на мандатни казни и пријави, како и нивно дислоцирање и спречување на повторно поставување. Дополнително, акцијата вклучуваше и употреба на градежна машина булдожер за да се обезбеди дека дивите кампери нема да можат да се вратат на истиот локации во иднина, информираат од Националниот парк „Галичица“.

Додаваат дека оваа акција ја подигнала јавната свест и ја објаснува важноста на одговорното користење на слободните простори и природните ресурси.

– Местото каде што се спроведе акцијата е слободен простор кој не располага со соодветни услови за кампување, што е пропишано и со Планот за управување со НП „Галичица“, како и другите плански документи за регионот. Со непочитувањето на истото подрачјето се изложува на загадување и загрозување на убавината на една од најубавите плажи на источното крајбрежје на Охридското Езеро. За заштита на природните богатства и животната средина, соработката помеѓу надлежните служби и граѓанската заедница има одлучувачка улога. Превентивните мерки кои се преземаат се насочени кон одржување на хигиенските стандарди и грижа за природното богатство, за да се обезбеди здрава и чиста средина за сите, информираат од НП „Галичица“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука