Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

На аеродромот во Охрид спроведена практична вежба со новото куче трагач кое ќе открива наркотици, оружје и пари (Фото)

Охрид, 26. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Сузбивањето на организираниот криминал и сивата економија е еден од клучните приоритети на Царинската управа. Во оваа борба царинските кучиња се од особена важност и успешно се користат при спречувањето на нелегален транспорт на наркотици, оружје и пари, велат од царинската управа.

Делегација на Царинската управа на Република Македонија предводена од директорот Стефан Богоев и заменик директорот Муарем Асани присуствуваше на последниот дел од обуката на царинско куче донирано и обучувано од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Кучето кое е од расата лабрадор (црвена лисица), како што информираат од управата, успешно ја заврши специјализираната обука за откривање на пари, дрога и оружје. Со ова Цариснката управа располага со 5 кучиња трагачи кои на царинските службеници им го олеснуваат секојдневното работење, учествуваат во повеќе откривачки акции кои се со успешна реализација.

Директорот Богоев присуствуваше и на практична вежба на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде беше демонстрирано откривање на недозволена трговија од страна на мобилните тимови со помош на царинските кучиња во реални услови.

Тој изрази благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка за досегашната поддршка и истакна дека Царинската управа е подготвена за понатамошно интензивирање на соработката во овој домен бидејќи благодарение на исклучителните способности на кучињата трагачи покрај што им се олеснува работата на цариниците, значително се подобруваат резултатите при спречувањето на шверцот и недозволената трговија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука