Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Утревечер во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Антологија 3“

Охрид, 3. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Утревечер од 20:00 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Антологија 3“.

– Оваа трета едиција на изложбата Антологија е посветена на апстрактното сликарство и енформелот во Македонија и во бившите југословенски простори и воедно претставува избор од најзначајните автори на овој правец, содржани во збирката на современа уметност во нашата институција. Апстрактната уметност на тлото на бившите југословенски простори во вистинскa смисла, се појавува после педесеттите години на 20. век и е морфолошки поделена на два вида сензибилитети, од една страна конструктивниот геометризам, геометриската апстракција, а од друга страна, е акцијата и гестуалниот потез, односно апстрактниот експресионизам, лирската апстракција и енформелот, информираат организаторите.

Додаваат дека естетиката на апстрактниот експресионизам и лирската апстракција ќе го изменат перцептивниот однос кон предметите, а со тоа и самата психологија на создавањето на уметничкото дело, така што создавањето е сфатено како импулс на внатрешна енергија, односно како единство на гестот, знакот и акцијата.

– Енформелот од друга страна како правец доаѓа малку подоцна, односно кон крајот на шеесеттите години на 20. век. Енформелот ја носи со себе естетиката на чиста љубов кон материјата, каде што делото ја напушта целосно смислата за боја, линија и гест и постанува исечок од една макро или микро природа, потенцираат организаторите на изложбата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука