Забава Избор

Андријана Јаневска и Игор Џамбазов ја снимија „Ми заплакало селото Ваташа“ како дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ (Видео)

Охрид, 15. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Андријана Јаневска и Игор Џамбазов снимија студиска верзија на антологиската „Ми заплакало селото Ваташа“, како дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“.

„Ми заплакало селото Ваташа“ е македонска песна, оригинално напишана и изведена во 60-те години. Текстописец е Лазар Манчевски- Пинџур, кој инспирацијата ја добил од масакрот во Ваташа што се случил за време на Втората светска војна, кога на 16-ти јуни 1943 година биле застрелани 12 младинци од фаштистичката војска. Песната ја отпеале повеќе домашни интерпретатори, а оригиналот е изведен од Никола Бадев во 1975 година. Песната повторно стана актуелна по изведбата на Андријана Јаневска и Игор Џамбазов на последната Златна Бубамара на популарноста, а сега овој двоец во рамки на проектот „Македонијо во срце те носиме“ и ја сними.

– Самата идеја за песната и спојот со Игор Џамбазов беше на Ранко Бубамара и сè започна од настапот на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“. Потоа дојде предлогот да бидам дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“. Со задоволство прифатив, бидејќи во моментов вакви проекти ѝ се повеќе од потребни на Македонија, во време кога царуваат туѓи песни на туѓи јазици. Им порачувам на младите да ја сакаат, почитуваат и слушаат македонската музика, особено изворната народна песна бидејќи таа е нашиот идентитет, вели Андријана.

Видеото за „Ми заплакало селото Ваташа“, за која овој пат аранжманот го направи Николче Мицевски, а во изведба на Андријана и Игор, е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме“ и во чии рамки се препеани 12 македонски песни. Нумерите се изведени од 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика, а публиката уште треба да ги слушне и види ДНК и Зуица Лазова. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука