ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

11 интервенции на спасување давеници и над 700 укажувања прва помош имале летово спасителите на Црвен крст Охрид

Охрид, 16. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – 11 посериозни интервенции на спасување и извлекување на давеници и над 700 интервенции на укажување прва помош имале досега спасителите на охридскиот Црвен крст, ангажирани на охридските капалишта.

И оваа година Црвен крст Охрид излезе во пресрет на сите концесионери и стопанственици на капалишта што имаа потреба и побараа да бидат ангажирани спасителни служби, во насока на воспоставување услови за безбедно капалиште.

Беа ангажирани околу 15 спасители на плажите, а како дополнителна активност наши спасители во неколку наврати беа ангажирани по повик и барање на одредени странски групи гости. За среќа сите интервенции каде беа присутни нашите спасители завршија успешно, без фатални последици, изјави за Супер радио и OhridPress претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков.

– Наши спасители беа ангажирани на капалиштата Св.Наум ресторанот „Острово“ и делот што го стопанисуваат како капалиште, Градиште три плажи, пред кампот, пред ресторанот и Градиште 2, плажа на хотел „Десарет“, плажите и базенот на хотелите „Метропол“ и „Белви“, плажите на хотел „Инекс“, плажа Голден, базените во хотел Јуник и градскиот базен „Атина Бојаџи“. Плус спасители беа на ангажирани на повик на одредени групи, имавме полски групи сместени во хотел „Силекс“, па во два наврати по 7-8 дена побараа спасителна служба, имавме спасители на дел од бродовите, како на „Армада“ каде имаа спортски активности, рече Точков.

Покрај на капалиштата, парамедици и медицински тимови на Црвениот крст беа активни и ангажирани на бројните културни и забавни настани што се случуваа во Охрид, грижејќи се за безбедноста на присутните, а секако ќе излезат во пресрет и за претстојните настани што ќе се случуваат.

На поголемиот број капалишта спасителните служби ќе бидат ангажирани до 31-ви август, а им претстои поинтензивен ангажман и на спортските настани во рамки на Ohrid water festival. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука