Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Репортажа на Тв21: Уште 4 месеци треба да се пушти во употреба автопатот Кичево-Охрид, ќе се заврши ли во предвидениот рок?

Охрид, 20, август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Изградени се 6 мостови кои се проодни, поставени се заштитните огради, а останатиот дел е ископан и се копа за потоа да се асфалтира. Голем дел од планинските страни се обезбедени за да нема одрон…

Вака во репортажата на колешката Салије Садику од Тв21 изгледа автопатот Охрид-Кичево откако веќе наближува рокот за доизградба. Остануваат уште само 4 месеци до кога истиот треба да се пушти во употреба за возилата, но не се знае дали тоа ќе се стигне бидејќи, како што се гледа, иако се работи, има уште многу работа.

Останува да видиме дали 31-ви декември ќе биде денот кога возилата ќе се движат по овој долгоочекуван автопат и значително ќе се скрати патот кон Охрид и Струга или ќе се продолжи рокот за завршување на истиот, како што се случи изминатите години.

Инаку, работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, во времето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а требаше да биде завршен до 2018 година. Но, изградбата доцни и во меѓувреме дојде новата влада. Според образложението на надлежните институции, одолговлекувањето главно се должи на решавање на имотно-правни прашања, грешки во проектирањето и други пропусти, како што се влезовите и излезите од автопатот. Со анекс на Договорот, рокот за изградба првично беше одложен за 30-ти јуни 2021 година, а потоа рокот повторно беше одложен за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Според првичните проценки, изградбата на автопатот Кичево-Охрид требаше да чини 374 милиони евра, но по бројните дополнителни анекси достигна речиси 600 милиони евра.

извор: Тв21/Салије Садику фото: архива видео: Тв21/Салије Садику

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука